НАТО

Руте: Европа повеќе не може да се потпира на САД за својата безбедност

08.07.2026 15:00

Самитот на НАТО се случува во време на засилени руски балистички напади врз Украина и обновени насилства на Блискиот Исток. Клучни теми се инвестициите во одбраната, развојот на воената индустрија и помошта за Киев, но и тоа – колку Европа може сама да се грижи за сопствената безбедност, без да се потпира на Американците.

Европските земји и Канада преземаат поголем дел од одговорноста во рамките на Алијансата, изјавија лидерите на земјите-членки на НАТО.

Ситуацијата на Блискиот Исток, зајакнувањето на одбранбените капацитети, односите со САД и помошта за Украина – во фокус на самитот во Анкара. Генералниот секретар Руте истакна дека Европа повеќе не може да се потпира на САД за својата безбедност.

„Посветеноста е несомнена, НАТО е таму во интерес на САД за да спречи, на пример, нуклеарните подморници на Русија да завршат на бреговите на Соединетите држави. САД, за да останат безбедни, треба да ги обезбедат Атлантикот, Европа и Арктикот. Значи, постои целосна посветеност на НАТО. Но, постои и очекување. И очекувањето беше и е дека европејците и Канаѓаните ќе ги изедначат своите трошоци со Соединетите држави“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Канадскиот премиер Карни, потенцира дека НАТО сака деескалација по дејствијата на Иран, но предупреди дека кризата ги истакнува трајните безбедносни закани на алијансата.

„Заканите со кои се соочуваме се менуваат. Се менуваат брзо во однос на природата на војувањето – хибридно војување, хиперсонични ракети, автономно војување. Русија е директен противник. Товарите се менуваат. Товарите се префрлаат од САД кон Канада, кон Европа. Капацитетите се градат“, нагласи Марк Карни, премиер на Канада.

Војните во Украина и кризата на Блискиот Исток, клучни прашања за разговор и договор на овој самит.

„Многу е важно како лидери да ги покажеме единството и силата на НАТО во време како ова. И тоа е она што ќе го направиме на овој самит“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото кралство.

Лидерите на земјите-членки на НАТО во Анкара треба да усвојат заедничка декларација, главно фокусирана на поддршката на Украина.

Катерина Бојаџиева