Штип

Багер сруши дел од куќа додека станарите спиеле

08.07.2026 17:20

Градежна механизација во четири часот утринава во Штип почнала да руши куќа во која спиеле двајца браќа. За среќа нема повредени, но вознемиреноста од настанот е голема. Полицијата трага по сторителот …

Силен тресок на рушење на дел од куќа во која живеат двајца браќа во социјален ризик утринава во четири часот ги разбуди жителите на улиците „Димо Хаџи Димов“ и „Првомајска“ во Штип. Багер со два удари го срушил напуштениот дел од куќата.

Полициската истрага треба да го лоцира сторителот, настанот е забележан и од соседите и од надзорните камери. Според општинскиот градежен инспектор објектот не е на списокот за рушење. Од ЈП „Стипион“ се децидни дека багерот не е нивен.

Надлежните општински инспектори извршија увид на објектот.

„По извршениот увид и на основа на добиените документи од Агенција за катастар, се утврди дека посочениот објект нема сопственик и лицето кое дава изјава пред медиумите, не располага со документ за негово право на сопственост или користење. Општината ќе пристапи кон чистење на наведената локација за обезбедување пристапност низ улицата и расчистување на теренот, со цел граѓаните да немаат потешкотии во извршувањето на секојдневните обврски“, соопштија од Општина Штип.

Браќата Сефери се загрижени за сопствената безбедност бидејќи куќата сега е со нарушена стабилност.

 

Славица Величковска