Собрание

Шест комисии денес во Собрание

09.07.2026 10:23

Денеска ќе заседаваат шест комисии, а на дневен ред се повеќе законски предлози и одлуки од областа на образованието, одбраната, социјалната политика и изборите...

Во Собранието денеска ќе заседаваат шест комисии, а на дневен ред се повеќе законски предлози и одлуки од областа на образованието, одбраната, социјалната политика и изборите.

Комисијата за образование, наука и спорт ќе ги разгледува Предлог-законот за високото образование, Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката, како и Предлог-законот за научноистражувачката дејност. Сите три законски решенија се во прво читање.

Пред Комисијата за одбрана и безбедност ќе се најде Предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија во мировната мисија на Обединетите нации „УНИФИЛ“ во Либан.

Комисијата за социјална политика, демографија и млади ќе го разгледува Годишниот извештај за работата на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2025 година.

На седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе се расправа за избор на членови на Советот за граѓански надзор, како и за пријавите по јавниот оглас за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе го разгледува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди, исто така во прво читање.

На дневен ред на Законодавно-правната комисија, покрај овие законски предлози, се и повеќе барања за автентично толкување на одредби од законите за комунални такси, возила, работни односи и даноци на имот.