Блиски Исток

САД и Иран втор ден по ред разменуваат оган

09.07.2026 09:14

САД и Иран и изминатото деноноќие разменија оган. Сирени се огласија во Кувајт и други земји од Заливот. Најновата ескалација следува откако Трамп објави дека примирјето со Техеран е завршено, но вети брзо решавање на ситуацијата...

САД и Иран разменуваат оган втор ден по ред. Американската војска соопшти дека ја завршила последната рунда воздушни напади, откако погодила околу 90 цели. Сирени се огласија во Кувајт и други земји од Заливот. Најновата ескалација следува откако Трамп објави дека примирјето со Техеран е завршено, но вети брзо решавање на ситуацијата. Главниот преговарач на Техеран објави дека кршењето на ветувањата повеќе не е бесплатно.

„Очигледно нема да ви кажам точно што ќе се случи, но претседателот им кажа многу едноставно, Ормускиот теснец ќе биде отворен. Тоа значи дека нафтата и гасот ќе течат до американскиот народ. Затоа гледаме дека цените на бензинот почнуваат да паѓаат. Цените се толку ниски затоа што претседателот рече дека таа клучна артерија преку која испорачуваме голем дел од светската енергија, мора да остане отворена. И тоа е она што Иранците мора да го знаат. Ако се обидат да ја затворат, ќе има одговор од американската војска. Толку е едноставно. Тоа е договорот“, изјави Џејмс Давид Венс, потпретседател на САД.

Во Иран денеска завршува погребната церемонија за убиениот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Илјадници поддржувачи од регионот упатија последен поздрав до човекот кој ја водеше Исламската Република речиси четири децении.