Нова ескалација на Блискиот Исток
Нова ескалација на Блискиот Исток. САД и Иран и изминатото деноноќие разменија оган. Сирени се огласија во Кувајт и други земји од заливот. Претседателот Трамп вчера објави дека примирјето со Техеран е завршено, но вети брзо решавање на ситуацијата. „САД имаат многу начини на кои можат да ја добијат војната со Иран, воено се веќе победени“, истакна шефот на Белата куќа по самитот во Анкара на пат кон САД.

Втор ден по ред, САД и Иран разменија оган. Американската војска соопшти дека ја завршила последната рунда воздушни напади, откако погодила околу 90 цели. Техеран возврати, сирени се огласија во Кувајт и други земји од Заливот. Најновата ескалација следува откако Трамп објави дека примирјето е завршено, но вети брзо решавање на ситуацијата. Главниот преговарач на Иран рече дека кршењето на ветувањата повеќе не е бесплатно.
„Ги удривме многу силно, рековме ако не нападнат ние ќе ги нападнеме 20 пати посилно. Тоа го направивме синоќа и денеска. Кога тие ќе удрат, ние ќе удриме уште посилно. САД имаат многу начини на кои можеме да ја добиеме војната со Иран, ние веќе победивме воено. Се јавија пред малку. Толку многу сакаат да склучат договор. Само не знам дали се достојни да склучат договор. Не знам дали ќе го почитуваат договорот. Тоа е проблемот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од самитот на НАТО во Анкара, сојузниците истакнаа дека одговорот на САД на нападите на Иран бил соодветен.
„Соединетите Држави реагираа соодветно во обид да го спречат ова однесување и да направат барем услови за повторно воспоставување на прекинот на огнот. Очигледно е кревка ситуација“, изјави Марк Карни, премиер на Канада.
„Кршењето на договорот јасно може да се припише на Иран, а американската војска остро возврати. Да, тоа е оправдано, но на крајот, мора да има договор со Иран што трајно ќе ја прекине нуклеарната програма и трајно ќе го отвори Ормускиот теснец“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
„Сè уште ја браниме истата агенда, мир и стабилност, повторно отворање на Ормускиот теснец без услови или такси. Мир и стабилност во Либан, што значи повлекување на оружјето на Хезболах, повлекување на сите странски сили од либанската територија и можности што треба да му се обезбедат на Либан за да се заштити“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Од Хезболах велат дека остануваат посветени на дијалогот меѓу Иран и САД, одбивајќи да се откажат од својата позиција на терен. Во исто време, Либан и Израел објавија дека ги продолжуваат разговори во Вашингтон.
„Нема да бидеме вовлечени во внатрешни судири, но нема да дозволиме никој да не нападне или поткопа. Приоритет е да се врати суверенитетот и да се отстрани израелското присуство. Никој нема да ни наметнува решенија. Решенијата мора да се дискутираат и да се договорат заедно“, изјави Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.
Во Иран денеска завршува погребната церемонија за ајатолахот Али Хамнеи. Илјадници поддржувачи од регионот упатија последен поздрав до човекот кој ја водеше Исламската Република речиси четири децении. Врховниот лидер беше убиен во февруари на почетокот од американско-израелската војна во Иран.
Маријана Димовска
