Уапсени 4 лица за измама тешка 750.000 евра, се трага по уште едно инволвирано лице!

25.09.2014 11:44

Криминалната група со разни малверзации за неколку години успеале да се стекнат со неоснован поврат на ДДВ од над 750.000 евра, за износ што го оштетиле Буџетот...

Финансовата полиција уапси 4 лица за измама тешка над 750.000 евра. Се трага уште по еден инволвиран во групата.

Криминалната група со разни малверзации за неколку години успеале да се стекнат со неоснован поврат на ДДВ од над 750.000 евра, за износ што го оштетиле Буџетот. Уапсените се товарат дека сториле кривично дело „Измама“, „Поттикнување“, „Помагање“ и „Фалсификување и уништување деловни книги“.

Финансиската полиција во соработка со Управата за јавни приходи заеднички ја спровеле акцијата.  Мозок и главен организатор на групата 54-годишен скопјенец, вработен во сметководтвсеното биро Мак Консалтинг ДООЕЛ од Скопје кое е во сопственост на неговата сопруга.

Тој како вработен сметководител, преку фирмите Мартом ДООЕЛ, Скопје, Бор-Зо Инжинеринг ДОО експорт – импорт Скопје, Јоми Креатив Солушнс ДОО Скопје, Стајковиќ Превоз Скопје, Визус Интернационал ДОО Скопје, Дрвоконект ДООЕЛ Скопје и Ивков Компани Скопје, заедно со останатите уапсени во периодот од 2008 до 2013 година во ДДВ пријавите кои ги доставил до Управата за јавни приходи прикажал фалсификувани податоци за влезниот промет, на кој начин противзаконски и неосновано извршил поврат на ДДВ во износ горенаведената сума.  

Во дел од наведените фирми првопријавениот бил управител, а во дел ја злоупотребил својата позиција на овластен сметководител и без знаење на сопствениците на истите, изготвувал и доставувал фалсификувани ДДВ пријави до Управата за јавни приходи, а потоа лично од сметките на фирмите ги подигал паричните средства добиени од повратот на ДДВ. За да ги затскрие трагите на кривичното дело и да ја избегне кривичната одговорност, сметководителот, употребил добро разработена и позната шема на затајувачите на данок.

Дел од своите фирми ги префрлил на државјани на Република Бугарија а во дел од фирмите како подигач на парите и управител го назначил лицето Тодор Александров Паскалиев, наводен државјанин на Република Бугарија за кој по извршените проверки од Интерпол Бугарија се утврди дека е непостоечко лице со фалсификуван бугарски пасош.

Паричните средства од неоснованите поврати за ДДВ, пријавените ги користеле за лични потреби овозможувајќи си себеси и на своите семејства луксузен живот со купување на скапи куќи и автомобили.

По петтоосомничениот ќе се трага со распишување на меѓународна потерница. Финансиската полиција и УЈП во периодот кој следи ќе продолжат со координирани активности во насока на целосно расчистување на случајот и казнување на организаторите и извршителите на овие кривични делa кои се директно на штета на државниот буџет.

 

 

Наташа Гркова-Петрушевска