Собрание

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

09.07.2026 11:08

Во Собранието продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година. Поднесени се вкупно 224 амандмани, а со ребалансот се предвидени повисоки приходи, дополнителни средства за капитални инвестиции и проектиран економски раст од 3,5 проценти.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска трет ден ја продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година.

За ребалансот се поднесени вкупно 224 амандмани, од кои 90 од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и пет од коалицијата ВРЕДИ.

Со предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 379,2 милијарди денари, што е за речиси 4,2 милијарди денари или 1,1 процент повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Вкупните расходи се планирани на 425,2 милијарди денари.

За капитални инвестиции се обезбедени речиси 46 милијарди денари, што е зголемување од околу 5,8 милијарди денари, односно 14,5 проценти. Проекциите предвидуваат економски раст од 3,5 проценти, инфлација од 4,5 проценти и буџетски дефицит од 4,1 процент од БДП.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека ребалансот не е резултат на недостиг на приходи или нарушена ликвидност, туку на потребата буџетските проекции да се усогласат со актуелните глобални економски услови.