ДЗР: Средствата за активните мерки за вработување не се распределувале рамномерно
Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето на Агенцијата за вработување за 2024 година. Ревизорите констатирале нерамномерна распределба на средствата за активните мерки за вработување, слабости во контролата и неправилности при остварувањето на правото на паричен надоместок за невработеност.

Средствата за активните мерки за вработување во 2024 година не биле распределувани согласно принципот на рамномерен регионален развој, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за работењето на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Според извештајот, за активните мерки за вработување биле исплатени 1,44 милијарди денари, но повеќе од половина од средствата кај дел од мерките биле концентрирани во неколку центри за вработување. Кај мерката за самовработување, 62 проценти од средствата биле реализирани во само пет градови – Скопје, Тетово, Струга, Куманово и Пробиштип.
Ревизорите изразиле мислење со резерва за финансиските извештаи на Агенцијата и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива. Констатирани се слабости во постапката за остварување на правото на паричен надоместок за невработеност, недоволна контрола при користењето на средствата, како и нецелосна документација.
Извештајот покажува и ниска ефикасност на мерката за обуки за напредни ИТ вештини, при што само една четвртина од кандидатите успешно го положиле завршниот испит. Дополнително, ревизијата утврдила неправилности при ангажирањето адвокатски услуги и слабости во постапките за јавни набавки.
