Концерт на „Next to Silence“, филмски проекции, детска претстава и меѓународна изложба на програмата на „Скопско лето“
Концерт на „Next to Silence“, филмски проекции во Кинотеката, детската претстава „Тетка Марулка“ и меѓународна изложба на современа фотографија се дел од програмата на фестивалот „Скопско лето“ вечерва и утре.

Фестивалот „Скопско лето“ вечерва и утре продолжува со богата музичка, филмска, театарска и ликовна програма на повеќе локации во Скопје.
Вечерва, со почеток во 20:30 часот, во Сули ан на Факултетот за ликовни уметности ќе се одржи концерт на составот „Next to Silence“, кој ќе го промовира својот најнов албум. Публиката ќе има можност да слушне шест нови композиции инспирирани од различни поимања на светот, изведени низ современ музички израз.
Во 20:15 часот, во Кинотеката на Македонија започнува Кинотеката на „Скопско лето“ со проекција на филмови од Стефан Сидовски – Сидо.
Утре, програмата започнува во 20:00 часот во Музејот на град Скопје со детската театарска претстава „Тетка Марулка“ во продукција на Театар Хит. Претставата, чиј автор и режисер е Сашо Ристовски, преку комични и едукативни содржини ја промовира важноста на здравата исхрана.
Во 20:15 часот во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Најдолгиот пат“ во режија на Бранко Гапо.
Програмата ќе биде заокружена со отворање на меѓународна изложба на современа фотографија во Културно-информативниот центар, во соработка со Зрно фестивал. Изложбата претставува избор на дела од автори од 13 земји, кои преку различни документарни, концептуални и експериментални пристапи обработуваат теми поврзани со меморијата, идентитетот, просторот и секојдневниот живот.
Билетите за сите настани се достапни преку karti.com.mk.
