Инвестиции

Николоски: Над 165 милиони денари за инфраструктура во Гевгелија, најавен нов влез во градот

09.07.2026 20:29

Владата инвестира повеќе од 165 милиони денари во инфраструктурни проекти во Гевгелија, а во соработка со Општината ќе се реализира и изградба на нов влез во градот, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на Гевгелија најави дека Владата ќе продолжи со инвестициите во општината, при што во соработка со локалната самоуправа ќе се реализира проект за изградба на нов влез во градот.

Заедно со градоначалникот, Николоски изврши увид во реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“, проект вреден 81 милион денари, финансиран со поддршка од Владата. Според него, реконструкцијата ќе му даде нов и модерен изглед на овој дел од Гевгелија, со подземна инфраструктура и ново јавно осветлување, што ќе придонесе за подобар квалитет на живот и развој на локалната економија.

Николоски соопшти дека Владата досега инвестирала повеќе од 165 милиони денари во инфраструктурни проекти во Гевгелија. Покрај реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“, завршени се и изградбата на улицата „Новопланирана“, нов парк со детско игралиште, реконструкција на дел од булеварот „Гевгелија“ и натпатникот на улицата „Железничка“, како и реконструкција на улици во селата Моин, Прдејци и Богородица. Реализирана е и третата фаза од изградбата на Западниот булевар, со поддршка од Министерството за транспорт и Светска банка.

Тој истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува инфраструктурните проекти во Гевгелија со цел понатамошен развој на општината и подобрување на условите за живот на граѓаните.