АЕТМ ќе поддржи 15 компании бесплатно да отворат е-продавници
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во партнерство со Visa, објави нов јавен повик за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да започнат со онлајн продажба. Ќе бидат избрани 15 компании што ќе добијат финансиска и едукативна поддршка за отворање на сопствени е-продавници.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во партнерство со Visa, го објави четвртото издание на иницијативата „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси“, со која ќе бидат поддржани 15 микро, мали и средни компании да започнат со онлајн продажба.
Јавниот повик е отворен до 20 јули, а право на учество имаат компании кои во моментов не продаваат производи преку сопствена е-продавница или маркетплејс платформа, но имаат интерес да ги развијат своите дигитални капацитети.
Избраните компании ќе добијат пакет за поддршка во вредност до 1.000 евра за отворање на е-продавница, како и практична обука за управување со онлајн продажба, дигитален маркетинг и рекламирање на социјалните мрежи.
Од АЕТМ информираат дека во претходните три циклуси биле поддржани 55 домашни компании, кои успешно ги отвориле своите први е-продавници и ги унапредиле своите дигитални вештини.
Во рамки на повикот, на 13 јули ќе се одржи и бесплатна онлајн информативна сесија, на која ќе бидат претставени програмата и условите за учество. По завршување на процесот на селекција, избраните компании ќе посетат еднодневна обука во септември во Скопје и ќе добијат сертификат од АЕТМ.
Од АЕТМ оценуваат дека иницијативата има за цел да ја забрза дигиталната трансформација на домашните компании, да ја зголеми понудата во македонската е-трговија и да ја подобри конкурентноста на малите и средните претпријатија.
