НАТО самит во Анкара

Украина постигна договор со САД за лиценца за производство на системи за воздушна одбрана „Патриот“

09.07.2026 18:58

На самитот на НАТО во Анкара, Украина и САД постигнаа договор за лиценца за производство на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, додека паралелно се засилуваат и дипломатските напори за ставање крај на војната. Трамп изрази оптимизам дека Киев и Москва се приближуваат кон мировен договор и најави можна средба меѓу Зеленски и Путин. Киев порачува дека мирот останува приоритет, а НАТО ја потврди силната поддршка со нов пакет воена помош…

Украина постигна договор со САД на НАТО самитот во Анкара за лиценца за производство на системи за воздушна одбрана „Патриот“. Шефот на Белата куќа оптимист дека Киев и Москва ќе постигнат и договор за ставање крај на војната. Трамп се надева дека наскоро ќе дојде до средба Зеленски-Путин.

„Имавме навистина добар состанок и сметавме дека ова ќе биде добро време за мене и претседателот Зеленски да се сретнеме. И ќе видиме што можеме да направиме. Всушност развивме многу добри односи. Ние решивме многу војни, а оваа е онаа за која мислев дека можеби ќе биде најлесната, но Путин е тежок лик. Мислам дека постигнавме голем напредок во последните неколку недели. Мислам дека ќе постигнат договор. Овој договор е во подготовка веќе долго време“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украинскиот претседател изрази подготвеност да постигне договор за прекин на војната, но ја отфрли можноста да патува во Москва на мировни преговори, шегувајќи се дека во руската престолнина има многу украински дронови, кои би биле опасни за него.

„Воздушната одбрана е приоритет. Втората точка, или можеби првата, е за преговорите. Разбираме што да правиме и како да донесеме мир и се надевам дека ќе го сториме тоа, сигурен сум дека ќе направите сè за да ја запрете оваа војна. Тешко е да отидам во Москва, има многу украински дронови таму. Опасно е за мене, опасно“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Лидерите на НАТО остануваат обединети во нивната непоколеблива поддршка за Киев, ветувајќи 70 милијарди евра во воена опрема, помош и обука.

„Сите се согласија за потребата од интензивирање на дипломатските и политичките напори во врска со Украина. Тоа значи одржување на притисокот врз Русија, а воедно и спроведување на некаков вид дипломатски дијалог. Постојат големи очекувања дека САД повторно би можеле да преземат водечка улога“, изјави Едгарс Ринкевичс, претседател на Латвија.

Од руското МНР велат дека НАТО го продолжува курсот на милитаризација на Европа и конфронтација со Русија.

Катерина Бојаџиева