Трамп: Ако нападнат, ќе возвратиме 20 пати посилно
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати нова остра порака до Иран по размената на напади во Персискиот Залив. НАТО сојузниците оценија дека американскиот одговор бил соодветен, додека тензиите во регионот остануваат високи.

САД извршија нови воздушни удари врз Иран, Техеран возврати со напади врз цели во Кувајт и Бахреин. Најновата ескалација во Персискиот Залив следува откако Трамп објави дека примирјето е завршено, но вети брзо решавање на ситуацијата. Главниот преговарач на Иран рече дека кршењето на ветувањата повеќе не е бесплатно.
„Ги удривме многу силно, рековме ако не нападнат ние ќе ги нападнеме 20 пати посилно. Тоа го направивме синоќа и денеска. Кога тие ќе удрат, ние ќе удриме уште посилно. САД имаат многу начини на кои можеме да ја добиеме војната со Иран, ние веќе победивме воено. Се јавија пред малку. Толку многу сакаат да склучат договор. Само не знам дали се достојни да склучат договор. Не знам дали ќе го почитуваат договорот. Тоа е проблемот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Од самитот на НАТО во Анкара, сојузниците истакнаа дека одговорот на САД на нападите на Иран бил соодветен.
„Соединетите Држави реагираа соодветно во обид да го спречат ова однесување и да направат барем услови за повторно воспоставување на прекинот на огнот. Очигледно е кревка ситуација“, рече Марк Карни, премиер на Канада.
„Сè уште ја браниме истата агенда, мир и стабилност, повторно отворање на Ормускиот теснец без услови или такси. Мир и стабилност во Либан, што значи повлекување на оружјето на Хезболах, повлекување на сите странски сили од либанската територија и можности што треба да му се обезбедат на Либан за да се заштити“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Од Хезболах велат дека остануваат посветени на дијалогот меѓу Иран и САД, одбивајќи да се откажат од својата позиција на терен. Во исто време, Либан и Израел објавија дека ги продолжуваат разговори во Вашингтон.
„Нема да бидеме вовлечени во внатрешни судири, но нема да дозволиме никој да не нападне или поткопа. Приоритет е да се врати суверенитетот и да се отстрани израелското присуство. Никој нема да ни наметнува решенија. Решенијата мора да се дискутираат и да се договорат заедно“, рече Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.
Во Иран завршна погребната церемонија за ајатолахот Али Хамнеи, човекот кој ја водеше Исламската Република речиси четири децении. Врховниот лидер беше убиен во февруари на почетокот од американско-израелската војна.
Маријана Димовска
