Нема гаранции за ЕУ, условите остануваат исти
Уставните измени, довербата и исполнувањето на обврските се клучни за продолжување на евроинтегративниот процес, порача еврокомесарката Марта Кос. Аналитичарите оценуваат дека земјата мора паралелно да работи и на добрососедските односи и на заштита на сопствените позиции во преговорите.

Нема гаранции за земјава на патот кон Европската унија. Дека само донесувањето на уставните измени ќе нè внесат во преговорите со ЕУ, досега никој ниту поексплицитно, ниту пак на подиректен начин го кажал од еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Дотолку повеќе, вели за МТВ извршниот директор на „Евротинк“ Николовски, што пораката на Кос беше конкретен повик на акција за двете земји за подобрување на меѓусоседските односи и тоа не ќе може да се заобиколи.
На линија на тоа дека веројатно ќе треба да се работи сега на воспоставување добрососедски односи со Бугарија, е и претседателот на Институтот за демократија Трошановски, но вели, да не се изостави дека треба да почнеме со изнаоѓање модуси внатре како земја, за да се заштитиме во отсуство на гаранции.
Еврокомесарката Кос при својата посета даде висока оценка за реформите. Рече дека местото на Македонија е во Европската унија, но не изостави да порача дека за тоа е потребно усвојување на уставните измени, бидејќи како што рече, проширувањето на ЕУ не е изградено на однапред дадени гаранции, туку на доверба, обврски, посветеност и нивно исполнување и работа.
Фиљана Кока
