Основен суд Куманово

Обвинетиот за серијата убиства во Старо Нагоричане негира вина

09.07.2026 16:43

Во кумановскиот Основен суд почна судењето против серискиот убиец од Старо Нагоричане. Тој е осомничен за четири убиства на повозрасни жени и две убиства во обид. 25-годишникот не призна вина, па остана без бранител. Според обвинителството, некрофилијата е клучен мотив за убиствата.

Почна судењето против 25-годишникот од Старо Нагоричане, осомничен за четири кривична дела убиства, како и два обиди. Тој се товари дека извршувал ниски побуди, со цел да ги задоволни половите нагони врз возрасни, немоќни жени. Пред судот не призна вина, па остана и без бранител.

„Обвинетиот не го прифати мојот совет да признае вина на првото рочиште, и сметав дека повеќе моите правни услуги нема да му се од корист“, истакна Драган Трајковиќ, бранител на обвинет.

Според обвинителот Лапе доминантен мотив за сторените дела е некрофилијата.

„Двете преживеани кои ги преживеале нападите и кои во детали опишуваат како бил извршен нападот. Тоа сето во содејство со вештите наоди и обдукциите за видовите на повреди кореспондираат се работи за исти или слични телесни повреди“, нагласи јавниот обвинител.

Оформен е и предмет за лекарите кои не констатирале насилна смрт кај дел од жртвите.

Во текот на истрагата беа извршени три ексхумации, како и ист толкав број на психијатриски вештачења врз осомничениот.

Кон кривичниот прогон се приклучија и семејствата на убиените жени.

„Очекувањата беа дека обвинетиот ќе ја признае вината, но за жал такво нешто не се случи“, нагласи бранителка на оштетено семејство.

„Станува збор за дрзок и суров начин на извршување на овие кривични дела, очекувам судот да му определи максимална казна“, изјави бранител на оштетени семејства.

Рочиштето ќе продолжи на крајот на август. Согласно Кривичниот законик му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Елена Георгиевска