И покрај силниот притисок Изборниот законик тапка во место, нема договор меѓу партиите
Мицкоски со повик до опозицијата – усогласете ги ставовите за Изборниот законик да го донесеме до 15 јули за исполнување на последниот чекор од Реформската агенда. Засега, нема индиции дека такво нешто може да се случи.

Роковите течат, во застој разговорите за измените во Изборниот законик. Премиерот Мицкоски сè уште го чека предлогот од опозицијата за да биде донесен и да се завршат 10-те чекори од Реформската агенда. Тој со нов обид да ги мотивира ДУИ, СДСМ и Левица да постигнат консензус, вели: седнете и договорете се, дадете предлог во кој ќе биде содржано и гласањето на дијаспората и ќе ја имате нашата бланко поддршка.
Театар за мал број гласачи, вака премиерот ги оцени ставовите на левица за Изборниот законик. Од партијата на Апасиев возвратија дека токму ВМРО-ДПМНЕ бега од одговорноста и топката ја префрла кон опозицијата, но Левица го прифати предизвикот. Пратеникот Крмов најави, во понеделник ќе иницираат средба со СДСМ и ДУИ за усогласување на ставовите. Прво прифаќа една изборна единица па не прифаќа, па сега бара некој друг да се договори. Само лаги и спинови зад кои се крие барањето начин да манипулира со околу 200.000 гласови од дијаспората.
Социјалдемократите повторно го обвинија премиерот Мицкоски оти како што велат ќе спровел нов изборен грабеж.
„Бидејќи се потврди дека на Христијан Мицкоски и на ВМРО не им е ниту до реформи, ниту до подобрување на Изборниот законик, ниту до политички консензус. Нивната цел е само една – изборен грабеж. Сè друго се лаги, изговори и спинови со кои се обидуваат да ја прикријат вистината“.
Од партијата на села најавија нова блокада со над 300 амандмани, ДУИ бара да се испочитува договорот постигнат во работната група во правда. Во изминатите недели пропаднаа неколку обиди за постигнување на договор помеѓу партиите. Измените на Изборниот законик и натаму се блокирани во парламентот со 13.500 амандмани.
Викторија Милевска
