Блиски исток

Иран нападна американски цели, Израел најавува нови операции

10.07.2026 11:26

И покрај повиците за деескалација, конфликтот меѓу САД, Иран и Израел продолжува. Техеран соопшти дека возвратил со напади врз американски објекти во Кувајт, Бахреин и Катар, додека Европската унија повика прекинот на огнот да биде обновен што е можно поскоро.

Размената на оган меѓу САД и Иран во текот на изминатите неколку дена го турнаа блискиот исток во обновена состојба на нестабилност. Иранските медиуми објавија за повеќе напади во текот на вчерашниот ден, но САД не потврдија дека се одговорни за најновите пријавени офанзиви. Техеран соопшти дека како одговор ги таргетирал американските објекти во Кувајт, Бахреин и Катар. Трамп и Нетанјаху остварија телефонски разговор и се согласија дека нивните земји ќе продолжат да се координираат во различни области, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.

„Војната сè уште не е завршена. Заедно со старите предизвици, се појавуваат и нови предизвици. Секирите паѓаат, но и се креваат. Подготвени сме за секое сценарио и знаеме едно: секогаш мора да бидеме посилни од нашите непријатели“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

„Го елиминиравме таткото Хамнеи, а синот Хамнеи го ранивме тешко. Уште еднаш, им докажавме на сите на кои им беше потребен овој потсетник дека израелските воздухопловни сили, стратешката рака на државата Израел, се способни да стигнат до секое место што им се заканува на граѓаните на нашата земја. Сега нашите сили се подготвени да извршат напад во Иран за да ги отстранат заканите, дури и по трет пат. Ако треба да се вратиме, ќе се вратиме со уште поголема сила“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Европската економија останува отпорна и покрај обновените напади, но министрите за финансии на ЕУ кои се собраа во Брисел поради тензиите меѓу Иран и САД, повика на целосно враќање на прекинот на огнот „што е можно поскоро“.

„Гледаме дека прекинот на огнот, во контекст на војната во Иран, не се почитува навистина. Има обновени блокади на Ормускиот теснец, што, се разбира, има импликации. Но, сè на сè, гледаме дека европската економија се покажува отпорна во услови на овој шок во снабдувањето со нафта и гас“, рече Валдис Домбровскис, комесар на ЕУ за економија.

Во меѓувреме, убиениот ирански лидер Али Хамнеи беше погребан по завршувањето на неколкудневните церемонии. Неговиот син и наследник, Моџтаба, не се појави јавно откако стана лидер на земјата.

Катерина Бојаџиева