Чешко финале на Вимблдон: Носкова и Мухова ќе се борат за титулата
Вимблдон ќе добие чешка шампионка. Дваесет и едногодишната Линда Носкова избори историски пласман во своето прво грен слем финале, каде што ќе се соочи со сонародничката Каролина Мухова.
Линда Носкова се пласираше во финалето на Вимблдон, откако во полуфиналето ја совлада Украинката Марта Костјук со 2:0 во сетови (6:4, 6:4). Мечот траеше еден час и 19 минути, а младата Чехинка одигра сигурно во клучните моменти.
Во првиот сет резултатот беше израмнет до 5:4, кога Носкова направи брејк и поведе со 1:0 во сетови. Во вториот сет таа имаше предност од 3:1, Костјук успеа да израмни на 3:3, но завршницата повторно ѝ припадна на чешката тенисерка, која обезбеди пласман во своето прво грен слем финале.
Во саботното финале Носкова ќе игра против осум години повозрасната сонародничка Каролина Мухова. Таа претходно во полуфиналето ја совлада Американката Коко Гоф со 2:1 во сетови и ќе го игра своето второ грен слем финале во кариерата, по настапот на Ролан Гарос во 2023 година.
