Ракомет

Филип Талески е ново засилување на ГРК Охрид

10.07.2026 10:20

Македонскиот ракометар Филип Талески ја продолжува кариерата во домашното првенство. Левиот бек потпиша договор со ГРК Охрид за сезоната 2026/2027, со можност за продолжување на соработката и за уште една година.

Филип Талески е нов член на ГРК Охрид. Искусниот лев бек потпиша договор за сезоната 2026/2027, со опција соработката да биде продолжена и за следната сезона.

Талески пристигнува од унгарска Татабања и е осмото официјално засилување на охридскиот клуб во пресрет на новата сезона. Во својата кариера настапуваше за Металург, германските Рајн Некар Левен и Балинген, Вардар 1961, португалска Бенфика, а со Рајн Некар Левен ја освои титулата во Бундеслигата.

„Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа сериозна визија и амбиција кои се совпаѓаат со моите спортски цели. Ќе го дадам својот максимум за да ги оствариме зацртаните цели и во домашното првенство и на меѓународна сцена“, изјави Талески.

Македонскиот репрезентативец во ГРК Охрид ќе го носи дресот со број 28.