Потврдена довербата во македонската полиција
Генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, престојуваше во дводневна официјална посета на Северна Македонија. Во фокусот на средбите беа унапредувањето на меѓународната полициска соработка, борбата против организираниот криминал и јакнењето на професионалните капацитети на македонската полиција.

Генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, во изминатите два дена беше во официјална посета на Северна Македонија, при што со претставниците на Министерството за внатрешни работи разговараше за продлабочување на соработката и заедничките активности во борбата против организираниот и транснационалниот криминал.
Посетата започна во Охрид, каде што Уркиза се сретна со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев. Разговарано било за размена на информации, оперативна соработка и регионалните механизми за справување со прекуграничниот криминал. Тој ги посети и мешаните македонско-српски полициски патроли, како и Езерската полиција.
Во Скопје, генералниот секретар на Интерпол, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, ја посети Полициската академија во Идризово, каде што истакна дека континуираната обука и меѓународната соработка се клучни за справување со современите безбедносни предизвици. Тој оцени дека членството на Академијата во Глобалната академска мрежа на Интерпол е значајно признание за професионалните капацитети на македонската полиција.
На средбите во МВР беше потврдена заедничката определба за натамошно јакнење на партнерството со Интерпол, со фокус на борбата против организираниот криминал, сајбер-криминалот, трговијата со луѓе, илегалната миграција, тероризмот и финансиските истраги.
Министерот Панче Тошковски оцени дека посетата претставува силна потврда за довербата што македонската полиција ја ужива во рамките на Интерпол, додека Уркиза ја поздрави активната улога на земјата во меѓународните операции на организацијата, нагласувајќи дека Северна Македонија е кредибилен и доверлив партнер во глобалната борба против транснационалниот криминал.
