Анкета на УНФПА: Младите сакаат семејство, но економските услови ги одложуваат родителството и бракот
И покрај демографските предизвици, младите во Источна Европа и Централна Азија не се откажуваат од желбата за брак и деца, покажува новата анкета на УНФПА. Главните пречки се финансиската несигурност, недостигот од домување и тешкотиите за обезбедување стабилна иднина.

Младите во Источна Европа и Централна Азија и понатаму го сметаат семејството за една од најважните животни вредности, но сè почесто се соочуваат со пречки што ги спречуваат да ги остварат своите репродуктивни и семејни планови. Ова го покажува новата анкета на УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, објавена во пресрет на Светскиот ден на населението – 11 Јули.
Според истражувањето, околу 79 проценти од младите испитаници сакаат да стапат во брак, а мнозинството посакува две или повеќе деца. Најчести мотиви за родителство се радоста и личната исполнетост, но многумина не успеваат да ги реализираат овие планови до доцните триесетти години од животот.
Анкетата покажува дека финансиската несигурност е најголемата пречка за создавање семејство, а меѓу клучните фактори се и недостигот од соодветно домување, здравствените проблеми, тешкотиите при пронаоѓање партнер и нерамномерната распределба на семејните обврски. Истражувањето заклучува дека младите најпрво сакаат сигурно вработување и сопствен дом, а дури потоа се одлучуваат за партнерство и родителство.
Од УНФПА порачуваат дека овие резултати се повик до владите да креираат политики кои ќе ги отстранат структурните пречки и ќе им овозможат на младите да ги реализираат своите животни и семејни стремежи.
Анкетата е спроведена во 2025 година меѓу повеќе од 13.500 испитаници на возраст од 18 до 39 години во 11 држави и територии, меѓу кои и Северна Македонија.
