Органодарителство - највисок чин на хуманост
На работ меѓу животот и смртта, по години борба, неизвесност и чекање на донорско срце. Двајца Македонци, кои добиле трансплантација во Австрија и Шведска, ја споделија својата животна приказна …

Ги одбројувале деновите чекајќи ново срце. Живееле приклучени на механичка пумпа, со батерии, кабли но и надеж. Денес двајца Македонци сведочат дека донирањето органи значи нов живот.
Нагип Али имал само 27 години кога дознал дека единствениот спас му е трансплантација на срце. Во Австрија поминал низа операции. Живеел со механичка пумпа, нестрпливо чекајќи го повикот што му подарил нова шанса за живот.
„По тие дванаесет месеци потпишав согласност срце за мене да се бара и надвор од Австрија, во земјите со кои Австрија има договор за размена на органи. Не знам точно со колку држави, но мислам дека и кај нас треба да се работи повеќе на тоа“, изјави Нагип Али, пациент со трансплантирано срце.
Слична животна битка водел и 64-годишниот Панде Пашарикоски од Преспа, кој живее во Шведска. На само 39 години тешко се разболел, а по бројни компликации, конечно добил сродно срце.
„По околу еден месец ми јавија дека има срце за мене. Операцијата траеше долго. Ме приклучија на машина за вонтелесен крвоток, а кога се разбудив, новото срце работеше одлично“, изјави Панде Пашарикоски, пациент со трансплантирано срце.
И двајцата никогаш нема да дознаат чие срце денес чука во нивните гради. Во Европа идентитетот на донорот останува анонимен. Но, нивната благодарност е неизмерна, а и пораката е иста – органодарителството е највисок чин на хуманост.
„Таму нема врски. Треба среќа – иста крвна група, приближна висина, приближна тежина. Она што нам ни треба е силна кампања, силна едукација и информираност на населението“, изјави Ирена Ралева Најдеска, организатор на трибините за органодарителство.
Досега во земјава се направени девет успешни трансплантации на срце, но ниту една кај пациент со механичка потпора на срцето. Недостигаат донори, но со измените во законот од октомври секој кој сака може да биде органодарител, само со една изјава кај матичниот лекар.
Соња Рилковска
