Инфраструктура

Автопатот Тетово – Гостивар целосно готов до 2028, во подготовка и нова железничка врска

10.07.2026 13:48

Следната година ќе бидат завршени првите делници од автопатот Тетово – Гостивар, а целосната изградба се очекува во 2028 година. Владата, во соработка со Европската Унија, работи и на документација за железничко поврзување на Скопје со западниот дел од државата.

Следната година ќе бидат готови првите километри од автопатот Тетово-Гостивар, а според најавите целосно ќе е готов во 2028 година. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој рече дека се работи и на железничко поврзување со Албанија, како продолжение на активностите од проектот „Градски воз“.

„Добро оди изградбата на автопатот Тетово – Гостивар. Тоа е автопат кој го почна оваа Влада, решени се сите прашања поврзани со експропријација, сега се решаваат работите кои се поврзани со дислокација на водови, изјави Николоски при посетата на Тетово“, изјави вицепремиерот Александар Николоски.

Заедно со Европската Унија, во рамки на Планот за раст, веќе интензивно се работи на документација за железничко поврзување на Скопје со Тетово и Гостивар, во прва фаза, со Кичево во втора, а во трета фаза со Охрид, Струга и Албанија.

„Мојата идеја и еден вид на сон да направиме меѓуградски возови, нешто што многу ќе го растовари сообраќајот, ќе ја намали гужвата и загадувањето“, нагласи Николоски.

Николоски посочи дека целта е воспоставување меѓуградски возови кои би го намалиле сообраќајниот метеж и загадувањето, а граѓаните би добиле побрза и покомфорна транспортна алтернатива. Тој најави дека активностите се продолжение на проектот „Градски воз“ во рамки на Скопје и изрази надеж дека во наредниот период ќе започнат и конкретни активности на терен.

Борис Грујоски