Два милиони патници на македонските аеродроми за шест месеци – раст од над 30 проценти
Македонските аеродроми продолжуваат да бележат рекордни резултати. Во првата половина од годинава низ аеродромите во Скопје и Охрид поминале два милиони патници, што е за повеќе од 30 проценти повеќе во споредба со истиот период лани, соопшти министерот за транспорт Александар Николоски.

Низ Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид во првите шест месеци од годинава поминале два милиони патници, што претставува раст од над 30 проценти во однос на истиот период минатата година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој посочи дека кога оваа Влада го започнала мандатот, на годишно ниво биле евидентирани нешто повеќе од два милиони патници, додека сега истата бројка е достигната за само шест месеци.
Николоски потсети дека минатата година за првпат бил надминат прагот од три милиони патници, а годинава очекува нов рекорд со повеќе од три и пол милиони патници и најави дека во наредниот период бројката би можела да достигне и четири милиони.
Според министерот, аеродромите во Скопје и Охрид се меѓу најбрзо растечките во регионот, а на тоа придонеле и 28-те нови авиолинии воведени во изминатиот период.
Тој нагласи дека и за време на кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток, работењето на македонските аеродроми не било значително нарушено, додавајќи дека од скопскиот аеродром со керозин се снабдувале и аеродромите во Приштина и Ниш. Според Николоски, ваквите резултати се потврда за успешниот развој на воздушниот сообраќај во земјата.
