Блиски Исток

Израел е подготвен повторно да го нападне Иран доколку е потребно

10.07.2026 16:31

Блискиот Исток и натаму е во фокусот на светската јавност. По погребот на иранскиот врховен лидер, Хамнеи, тензиите меѓу Техеран и Вашингтон не стивнуваат. Израел испраќа нови предупредувања за воени дејствија, додека светската економија внимателно ги следи последиците од кризата.

Убиениот ирански врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи беше погребан во неговиот роден град Машхад, додека дипломатските напори за намалување на тензиите меѓу Техеран и Вашингтон продолжуваат во услови на кревко примирје и висока воена подготвеност во регионот. Трамп и Нетанјаху остварија телефонски разговор и се согласија дека САД и Израел ќе продолжат да се координираат за безбедносните прашања, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.

„Војната сè уште не е завршена. Заедно со старите предизвици, се појавуваат и нови предизвици. Секирите паѓаат, но и се креваат. Подготвени сме за секое сценарио и знаеме едно: секогаш мора да бидеме посилни од нашите непријатели“, истакна израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

„Го елиминиравме таткото Хамнеи, а синот Хамнеи тешко го ранивме. Уште еднаш, им докажавме на сите оние на кои им беше потребен овој потсетник дека израелските воздухопловни сили, стратешката рака на државата Израел, се способни да стигнат до секое место што им се заканува на граѓаните на нашата земја. Сега нашите сили се подготвени да извршат напад во Иран за да ги отстранат заканите, дури и третпат. Ако треба да се вратиме, ќе се вратиме со уште поголема сила“, порача Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Глобалната економија е отпорна и покрај тензиите меѓу Иран и САД. Но, Меѓународниот монетарен фонд предупредува дека инфлацијата останува загрижувачка.

„Светската економија го преживеа шокот од војната подобро отколку што се стравуваше. Голем скок на цените на нафтата беше избегнат благодарение на намалувањето на залихите, проширеното производство надвор од заливот и мерките за ублажување на побарувачката за нафта“, изјави Петја Коева Брукс, заменик-директор, оддел за истражување, ММФ.

„Гледаме дека прекинот на огнот, во контекст на војната во Иран, не се почитува навистина. Има обновени блокади на Ормускиот теснец, што се разбира, има импликации. Но, сè на сè, гледаме дека европската економија се покажува отпорна во услови на овој шок во снабдувањето со нафта и гас“, рече Валдис Домбровскис, комесар на ЕУ за економија.

Податоците за следење на бродовите покажаа дека повеќе танкери за течен природен гас продолжиле да минуваат низ Ормуската теснина во последните денови и покрај обновените борби на Блискиот Исток.

Катерина Бојаџиева