Ставрески: Буџетот за 2015-та поддршка за стопанството и граѓаните

25.09.2014 13:07

Со предложениот буџет за наредната година продолжува поддршката на стопанството и на стандардот на граѓаните преку одвоениот значителен износ за капитални инвестиции и преку зголемувањето на платите, пензиите и социјалните надоместоци, истакна вицепремиерот...

Поддршка на економскиот раст и стопанството преку реализација на капитални инвестиции, заштита на животниот стандард на населението преку зголемување на платите, пензиите, социјалната помош, субвенциите. Ова се двете главни цели кои треба да се остварат со Буџетот за 2015-та година, кој влезе во собраниска процедура. Проектиран е раст на БДП од 4 проценти, со ниска инфлација и дефицит од 3,5 проценти.

Со предложениот буџет за наредната година продолжува поддршката на стопанството и на стандардот на граѓаните преку одвоениот значителен износ за капитални инвестиции и преку зголемувањето на платите, пензиите и социјалните надоместоци, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го Предлог-буџетот на Република Македонија за 2015 година пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, кој додаде дека истовремено продолжува рестриктивната буџетска политика. 

Според министерот Ставрески, развојната компонента на буџетот се капиталните инвестиции и тие се насочени кон инвестирање во јавната инфраструктура и ќе значат силна поддршка на стопанството, работа на  претпријатата и на работниците. 

„Во Буџетот на Република Маледоноја за 2015- та се предвидени 3,4 милијарди денари за изградба на автопатската делница Демир Капија- Смоквица. Освен овој износ што е предвиден за капитални инфраструктурни проекти, исто така значаен износ е предвиден и во рамките на програмата на Јавното претпријатие за патишта преку кое оди реализацијата на автопатите како што се Миладиновци- Штип, Охрид- Кичево, многу регионални патишта... значи таму станува збор за програма од неколку стотици милиони евра“, истакна Ставрески.