Битолскиот театар со премиера на „Кориолан“ на „Охридско лето“
Народниот театар – Битола на 15 јули премиерно ќе ја изведе претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир во режија на американскиот режисер Џон Блондел, во рамки на фестивалот „Охридско лето“. По македонската премиера, претставата ќе ја има и својата светска фестивалска премиера на Verona Shakespeare Fringe Festival во Италија.

Народниот театар – Битола ја најави премиерата на претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, која ќе се одржи на 15 јули во предворјето на црквата „Св. Софија“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Станува збор за првата постановка на оваа Шекспирова трагедија на македонските театарски сцени, во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел.
Директорот на Народниот театар – Битола, Васко Мавровски, истакна дека претставата претставува значаен проект за ансамблот, кој по премиерата во Охрид ќе биде изведен и на Verona Shakespeare Fringe Festival, каде ќе ја има својата светска фестивалска премиера.
Режисерот Џон Блондел посочи дека „Кориолан“, иако е напишан пред повеќе од четири века, останува актуелен поради темите за моќта, политиката и односот меѓу власта и народот. Концептот на претставата е насочен кон минималистички сценски израз, со акцент на актерската игра и текстот.
Насловната улога ја толкува Васко Мавровски, а во претставата настапуваат и Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Сценографијата и костимите се дело на Благој Мицевски.
