Економија

Македонската и хрватската царина со заедничка платформа за поддршка на трговијата и бизнисот

10.07.2026 18:43

Царинските управи на Македонија и Хрватска ќе формираат заедничка платформа за соработка со бизнис-заедницата, со цел поедноставување на царинските процедури, намалување на чекањата на границите и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Македонската и хрватската царинска управа започнуваат иницијатива за воспоставување заедничка платформа за соработка со стопанството, која треба да придонесе за полесно одвивање на легалната трговија и поголема економска соработка меѓу двете држави.

Иницијативата беше договорена на средба во Хрватска меѓу делегациите предводени од директорите на царинските управи, Бобан Николовски и Марио Демировиќ, на која присуствуваа и претставници на стопанските комори и здруженијата на превозници.

На средбата се разговарало за поедноставување на царинските процедури, намалување на административните обврски и времето на чекање на граничните премини, понатамошна дигитализација на процесите и воведување приоритетен третман за доверливите економски оператори.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека целта е границите да бидат место за контрола на ризикот, а не пречка за легалната трговија, додавајќи дека иницијативата ќе биде преточена во конкретна оперативна соработка со мерливи резултати за компаниите, транспортерите и граѓаните.

Неговиот хрватски колега Марио Демировиќ оцени дека партнерството меѓу двете царински администрации ќе придонесе за развој на економиите на двете земји, додека претставниците на македонските стопански комори и асоцијацијата „Макам-транс“ ја поздравија иницијативата, оценувајќи дека ваквиот модел на соработка ќе ја зголеми конкурентноста на стопанството.