Штип

Во тек се анализи по сомнеж за труење со храна во фабрика во ТИРЗ Штип

10.07.2026 17:58

Од Центарот за јавно здравје Штип велат дека веднаш е извршен увид и земени се примероци од кујната на операторот каде се подготвува храната за вработените...

Шестмина работници во фабрика во ТИРЗ зоната во Штип побарале лекарска помош заради труење со храна. Неколкумина биле задржани во болницата, денес сите се на домашно лекување. Од Центарот за јавно здравје Штип велат дека веднаш е извршен увид и земени се примероци од кујната на операторот каде се подготвува храната за вработените.

„Инспектор за храна од АХВ во соработка со Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Центарот за јавно здравје Штип и Институт за јавно здравје Скопје, спроведе вонреден инспекциски надзор во кујната каде се послужувала храната. Земени се брисови и мостри за лабораториско тестирање за утврдување на евентуалниот причинител на можно труење со храна. Со надзорот констатирани се отстапувања во хигиената од помал обем, за што на операторот и на одговорното лице му е изречена парична казна, а кујната е времено затворена до отстранување на утврдените недоследности“, стои во соопштението од АХВ.

Во моментот се врши лабораториска анализа на земените примероци во Институтот за јавно здравје.

Славица Величковска