Здравство

Алиу го заокружува мандатот со 15 законски решенија и започнати реформи

10.07.2026 17:44

Министерот за здравство Алиу на брифинг со новинарите, три дена пред новиот состав на владиниот кабинет да се најде пред народните избраници. На негово место за нов кормилар на здравствениот систем во државава е предложен Сашо Клековски, актуелниот директор на Фондот за здравство...

Со 15 подготвени законски решенија и неколку започнати реформи, министерот во заминување Азир Алиу го заокружува 13 месечниот мандат во здравството. Го издвојува законот за пушење за кој очекува да биде донесен пред распуштање на Собранието.

Меѓу процесите кои ќе ги наследи новиот министер се тригодишните студии на медицинскиот факултет со кои вели Алиу треба да се надмине недостигот на кадар во итната медицинска помош. Студентите ќе се усовршат да пружат прва помош и да вршат тријажа на пациенти на терен. За новата студиска програма се чека согласност од ректоратот.

„Не може некој со три месеци обука да работи, туку се три годишни студии, ќе знаат како да ракуваат со тие перформанси кои треба да ги има еден обучен лекар, за да може да даде прва помош, тријажа на терен“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.

Меѓу приоритетите што ги посочува Алиу е и финансиското поврзување на јавното и приватното здравство. Според него, тоа би им овозможило на граѓаните да изберат во која установа ќе ја добијат здравствената услуга.

„Тој фонд се обезбедува од наши средства од наши пари, од наш придонес во здравството и ценам дека граѓаните треба да имаат слобода да бираат помеѓу една или друга институција за да можат да ги добиваат здравствените услуги таму каде што тие ценат дека се подобри или поефикасни“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.

Министерот за здравство Азир Алиу кој по професија е информатичар и професор на факултетот на југоисточна Европа во Тетово, по завршување на мандатот ќе се врати на академската работа.

Во понеделник Собранието треба да расправа за реконструкција на владата. За наследник на Алиу, предложен е актуелниот директор на Фондот за здравство Сашо Клековски.

Андријана Ѓурческа