Во Драч уапсени двајца членови на криминалната група „Беланоца“ по меѓународна полициска акција
Во заедничка акција на македонската полиција, Американската дипломатска безбедносна служба (ДСС) и безбедносните органи на Албанија, во Драч се уапсени двајца осомничени припадници на организираната криминална група „Беланоца“, по кои биле распишани меѓународни потерници.
Во Драч, Албанија, се уапсени двајца припадници на организираната криминална група „Беланоца“ во меѓународна полициска операција спроведена врз основа на информации обезбедени од македонската полиција.
Како што соопшти МВР, лишени од слобода се М.Џ. (26), роден во Скопје, и С.Н. (34), роден во Норвешка. По двајцата Интерпол имал распишано меѓународни потерници поради сомнение за сторени кривични дела „убиство“, „убиство во обид“, „тешка телесна повреда“, „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „злосторничко здружување“.
При нивното приведување биле пронајдени фалсификувани лични документи, за кои постои сомнение дека ги користеле за да ја напуштат државата и да ја избегнат правдата.
Од МВР информираат дека акцијата е резултат на повеќемесечна соработка меѓу македонската полиција, Американската дипломатска безбедносна служба (ДСС) и безбедносните органи на Република Албанија.
