Образование

Заострени критериуми за сместување во студентските домови

10.07.2026 17:12

Построги правила и мерки за студентите во студентските домови, предвидуваат измените на Законот за студентски стандард. Студентите со став, секој студентски дом треба да има ред и јасни правила, за зачувување на безбедноста и достоинството на студентите, но за дел од измените, потребна е поширока јавна дебата...

Построги правила и мерки за студентите во студентските домови, предвидуваат измените на законот за студентски стандард. Со нив, се забранува пушење во собите, внесување и употреба на алкохол и наркотични средства, оштетување на инвентар, пуштање на гласна музика, неуредност и нехигиена, отстапување на соба на друго лице за остварување на материјална корист, агресивно и насилничко однесување итн. Санкциите се движат од изрекување воспитна мерка до забрана за престој во домовите од една до пет години.

Од Министерството за образование и наука информираат и дека старосната граница за престој во домовите ќе биде до 30-тата година.

Студентите со став, секој студентски дом треба да има ред и јасни правила, за зачувување на безбедноста и достоинството на студентите, но за дел од измените, потребна е поширока јавна дебата.

Студентите велат, добро е да ги почитуваме правилата, но треба да се почитуваат и нашите права, реагирајќи на несоодветните услови во дел од студентските домови.

Од ресорното министерство пак, информираат дека направената ревизија утврдила сериозни неправилности во работењето на дел од директорите на домовите, за што ќе бидат поведени соодветни постапки. Додаваат и дека во моментов се прават и се планираат крупни инвестиции во девет студентски домови и девет ресурсни центри, вредни 86 милиони евра.

Јавниот повик за реконструкција и на останатите седум студентски домови во Македонија, е во тек.

Марија Котовска