Политика

Мицкоски со нов повик до опозицијата

10.07.2026 16:56

Партиите сè уште се надмудруваат околу Изборниот законик. Поместување од позициите нема. Рокот за носење на законите од реформската агенда истекува в среда. Премиерот Мицкоски го повтори ставот дека владата ќе прифати решение за кое ќе се договорат партиите од опозицијата. За СДСМ спорен е моделот на гласање на дијаспората. Левица најави дека ќе ги покани на средба да се најде решение.

Политичките партии далеку од договор за измените на Изборниот законик. Засега нема најави дека во Собранието би се одржала нова работна средба за постигнување на консензус по ова прашање.

Премиерот Мицкоски сè уште ја чека опозицијата да се договори за измените на изборниот законик и до него да достават конечен текст. Вели ќе прифатиме се што ќе договорат, без разлика дали е една изборна единица и повеќе финансии за изборната кампања, но обвинува дека и покрај подадената рака, со опозициските партии не може да се постигне елементарен договор за изборниот законик кој е дел од реформската агенда.

За социјалдемократите не е спорно гласањето на дијаспората, туку моделот, бидејќи според нив отвора простор за изборни злоупотреби, манипулации и како што велат кражба на над 200.000 гласа од дијаспората.

До одржувањето на претседателските избори државата ќе биде подготвена да го тестира, а потоа и да го спроведе електронското гласање на дијаспората, тврди министерот за дигитална трансформација Андоновски.

Левица во понеделник ќе ги покани на средба СДСМ и ДУИ во обид да се изнајде решение за измените на изборниот законик кој во собранието останува блокиран со над 13 и 500 амандмани.

 

Викторија Милевска