Обновена билатералната соработка меѓу уставните судови на Северна Македонија и Србија по 15 години
Претседателите Костадиновски и Петров потпишаа Меморандум за разбирање и билатерална соработка меѓу Уставниот суд на Република Србија и Уставниот суд на Република Северна Македонија...

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски, судиите Добрила Кацарска, д-р Осман Кадриу, проф. д-р Ана Павловска-Данева и самостојниот советник и шеф на протоколот Симона Герасимова-Јовановска, на 9 и 10 јули 2026 година престојува во билатерална посета во Уставниот суд на Република Србија.
Во рамки на посетата, претседателите Костадиновски и Петров потпишаа Меморандум за разбирање и билатерална соработка меѓу Уставниот суд на Република Србија и Уставниот суд на Република Северна Македонија, по што беше одржан и стручен разговор меѓу членовите на делегациите на тема „Извршување на одлуките на Уставниот суд“.
Со оваа посета, по речиси 15 години, е обновена билатералната соработка меѓу уставните судови на Република Србија и Република Северна Македонија и е отворено ново поглавје во меѓусебната институционална соработка.
Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Костадиновски, се заблагодари за гостопримството и, меѓу другото, истакна дека уставните судови имаат исклучително важна улога, бидејќи нема ништо повредно од заштитата на човековите права и слободи.
