Промовирани 40 аудио-книги за слепи лица
Промоцијата на првите 40 наслови аудио-записи е во рамки на проектот „Зголемување на фондот на аудио-книги во Одделението за слепи и слабовидни лица“ при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје...

Првите 40 наслови аудио-записи за потребите на слепите лица, избор од најпознатите приказни од македонски и светски автори, радио-драми на македонски и на албански јазик, но и содржини со едукативен карактер, беа промовирани денеска во Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Промоцијата на првите 40 наслови аудио-записи е во рамки на проектот „Зголемување на фондот на аудио-книги во Одделението за слепи и слабовидни лица“ при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Наша цврста определба како Министерство, но и како општествени фактори е да го поедноставиме животот на слепите лица. Токму затоа ја започнавме оваа благородна идеја со која сакаме да го приближиме пишаниот збор до нив. Ова е само почеток. Замислата дека им помагаме на слепите лица ни дава голем мотив да продолжиме што повеќе да создаваме за нив, истакна на денешната промоција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Овие наслови, појасни министерот, ќе бидат достапни во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје каде што слепите и слабовидни лица мора да бидат зачленети во Одделението за слепи и слабовидни. Оттука, рече, секој заинтересиран ќе може да го добие посакуваниот наслов и преку пошта.
