Во Куманово и натаму нема доволно места во детските градинки
Во Куманово и натаму нема доволно места во детските градинки. До 300 деца со месеци, а дел и со години, чекаат да бидат примени. Установата веќе работи над предвидениот капацитет. Решението засега е адаптација и проширување на постојните објекти…

Сè уште е проблем да се смести дете во кумановската градинка. На долгата листа со месеци и години чекаат до 300 деца. Куманово веќе со години се соочува со недостиг. Според проценките недостигаат дури три објекти. Градинката во моментов има капацитет за 1.150 деца, но по одлука на Советот, имаат согласност за згрижување на 1.550.
„Заминуваат 372 на училиште но тоа не значи дека ние имаме точно толку слободни места, затоа што веќе работиме над проектираниот капацитет. Советот ни ја дава оваа согласност за прием на деца над проектираниот капацитет затоа што навистина никогаш не го исполнуваме тој капацитет“, истакна директорката на кумановската градинка, Ивана Николиќ.
Установата засега нема друг начин, освен да адаптира простории за да се ублажи проблемот. Со поддршка на општината работат на проекти за два од седумте објекти.
„Се надеваме дека ќе ги реконструираме и преадаптираме сите објекти а во меѓувреме разгледуваме и други можни локации каде наши објекти се наоѓаат каде што има можност да направиме проширување и преадаптација“, дополни Николиќ.
Надлежните досега неколкупати ветуваа изградба на нова установа. Веќе е изготвен и проект за градинка.
Општина Куманово засега нема средства за изградба на детска градинка. Неопходна е поддршка од државата.
Елена Георгиевска
