Откриена античка некропола кај Баргала, се истражува неолитската населба Барутница
Некропола од четвртиот век е откриена близу античкиот град Баргала. Археолошки истражувања се вршат и на неолитската населба „Барутница“ кај Амзабегово …

Античка некропола од четвртиот и петтиот век открија штипските археолози во близина на доцноантичкиот град Баргала. До сега се откриени осум гробници, истражувањата продолжуваат на површина од околу пет хектари.
Додека штипските археолози работат на Баргала, странски студенти преку УГД ги истражуваат неолитските населби во овчеполието. Годинава работат на Барутница, кај Амазабегово.
„Дојдов овде за да стекнам практично искуство, да научам повеќе за она што сакам да го работам во иднина. Ми се допаѓа работата, ова е комплетно ново искуство за мене“, вели Алисон Леви – студентка од Универзитет Флорида.
„Сакам да научам повеќе за археологијата, за Балканот и Македонија. Ми се допаѓаат и работата и луѓето“, изјави Саша Вала – студентка од Оксфорд.
Школата е дел од научниот проект за неолитот – „Помеѓу Егејот и Дунав“ поддржан од Австриската академија на науки, Светиниколскиот музеј, Фондацијата „Балканско наследство“ и Универзитетот „Гоце Делчев“.
Славица Величковска
