Техеран доби 24-часовен ултиматум да потврди дека Ормускиот теснец останува отворен
Техеран доби 24-часовен ултиматум да потврди дека Ормускиот теснец останува отворен и да ги запре нападите врз трговските бродови. Во исто време, Трамп и издаде воени наредби на војската за напади во Иран во случај на обид за атентат врз него. Шефот на иранската дипломатија ги обвини САД за кршење на меморандумот за разбирање. Војната на Блискиот Исток и нуклеарната програма, тема и на Седницата на Советот за безбедност на ООН.

Американската администрација му постави 24-часовен ултиматум на Техеран да потврди дека Ормускиот теснец останува отворен за меѓународна пловидба и да ги запре нападите врз трговските бродови. Во исто време, претседателот Трамп и нареди на војската да го нападне Иран во случај на обид за атентат врз него, по повиците за негова ликвидација упатени за време на погребот на ајатолахот Али Хамнеи.
„1.000 ракети се заклучени и наполнети и насочени кон Исламската Република Иран, а уште илјадници ќе следат веднаш, доколку иранската влада дејствува согласно својата закана, изречена во многу делови од светот, за атентат или обид за атентат врз актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, во овој случај, МЕНЕ!“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Шефот на иранската дипломатија ги обвини САД за кршење на меморандумот за разбирање, велејќи дека Вашингтон не ги исполнил обврските за санкции и воени распоредувања. Иранското МНР негира дека побарале нови преговори со Вашингтон, туку само прифатиле посредничка иницијатива од Катар за разговори.
„Иран досега го одржа својот збор, за разлика од таканаречениот секретар на финансии на САД, кој го крши став 9 од Меморандумот за разбирање. Тоа кршење следува по други прекршувања и погрешни чекори од страна на САД. Проверка на реалноста: Може да има само меѓусебно почитување“, објави министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи.
Иран и нуклеарната програма, тема и на седницата на Советот за безбедност на ООН.
„Склучувањето траен договор, со кој Иран никогаш нема да се здобие со нуклеарно оружје, останува приоритет. Франција ги поддржува деталните преговори што се во тек со Соединетите Американски Држави за нуклеарното прашање“, изјави Жером Бонафон, постојан претставник во ООН, Франција.
„Бевме сведоци како Иран распоредува крстосувачки ракети и беспилотни летала, оружје кое е ограничено според резолуциите на Советот за безбедност, против комерцијални бродови што легално транзитираат низ оманските води и инфраструктура во Бахреин, Јордан, Кувајт и Катар. Иранските лидери имаат историска можност да ја трансформираат својата земја за својот народ. Одлуката е нивна“, изјави Тами Брус, заменик-постојан претставник во ООН, САД.
На 17 јуни, САД и Исламската Република потпишаа привремен договор за прекин на огнот кој за 60-дневен преговарачки период треба да донесе конечен договор за нуклеарната програма и мир на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
