Повторно на продажба становите на експремиерот Груевски конфискувани во предметот „Плацеви на Водно“
Државата повторно ги понуди на продажба трите станови во „Панорама резиденс“, кои беа конфискувани по правосилната пресуда за случајот „Плацеви на Водно“.Обвинителството ги поврзуваше со експремиер Никола Груевски, како скриен имот. Продажбата ќе се реализира преку јавно наддавање, а заинтересираните купувачи ќе имаат можност лично да ги разгледаат становите на 16-ти јули. Наддавањето е закажано за 29-ти јули.

Со почетна цена од над 4.000 евра по квадратен метар одат повторно на продажба становите на експремиерот Груевски конфискувани во предметот „Плацеви на Водно“. Агенцијата за управување со одземен имот по вторпат после една година на 29 месецов ќе спроведе јавно наддавање а заинтересираните ќе може да ги видат овие три стана на 16-ти јули. Два од нив се со површина од 250 метри квадратни со терасите, третиот 150 квадратни метри со тераса од дури 95 метри квадратни. Но, од правото на учество на јавното електронско наддавање Агенцијата освен себе ги иззема и другите лица кои службено учествувале во постапката како и осудениот, лица од неговото семејство и други лица во врска со постапката.
„Осуденото лице против кое се водела судската или прекршочната постапка, брачен другар, вонбрачен другар, роднина во права линија или до четврти степен во странична линија на вработените и на осуденото лице или лицето против кое се водела судската или прекршочната постапка, правни лица или одговорни лица во правните лица или бранителот или правниот застапник на правното лице во кое осуденото лице е сопственик на најмалку 25% од сите акции или се наоѓа на раководна позиција“, соопштија од Агенцијата за управување со одземен имот.
Но, дали со ова е исполнета правдата реагираат од опозициската СДСМ, додека Груевски се луксузира во бегство во Унгарија наместо да ја одлежи деветгодишната казна затвор. Според опозициската партија вистинска правна разрешница би значела негово враќање во земјава и извршување на правосилните судски одлуки на секој имот за кој било утврдено дека е стекнат незаконски
Со пресудата за „Плацеви на Водно“ беше утврдено дека Груевски преку партиски донации од ВМРО-ДПМНЕ противзаконски присвоил 1,3 милиони евра со кои потоа било купено земјиштето и биле изградени објектите. Но,тој во 2018 година избега во Унгарија не издржувајќи ја казната.
Фиљана Кока
