Автопатот Кичево – Охрид готов во 2027
Една од најсложените патни делници во земјава, автопатот Кичево-Охрид е со бројни мостови и тунели, изградени на тежок планински терен. МТВ доби ексклузивна можност да влезе во седиштето на инвеститорот „Синохидро“ и директно од раководството на компанијата да побара одговори за еден од најголемите инфраструктурни проекти.

Македонската радио-телевизија доби можност да влезе во седиштето на „Синохидро“ во Чангду во Кина и директно од раководството на компанијата да побара одговори за еден од најголемите инфраструктурни проекти во државата. По години пробиени рокови, дополнителни проектирања и зголемени трошоци, од компанијата уверуваат дека најтешките инженерски предизвици се веќе надминати.
„Според нашата програма, проектот ќе биде завршен во 2027 година. Во овие неколку години ја анализиравме позиционираноста на проектот, геолошките и временските услови и ги надминавме сите предизвици со помош на Владата на Северна Македонија. Најважните предизвици се надминати, има уште неколку предизвици кои се минорни и како такви нема да влијаат на завршувањето на проектот. Дваесет и седум километри од автопатот веќе се отворени за сообраќај, а оваа есен ќе се завршат уште девет километри и ќе бидат пуштени за сообраќај“, изјави Ванг Џијанфенг, потпретседател на Синохидро.
Автопатот Кичево – Охрид почна да се гради во 2014 година и е долг околу 57 километри. Станува збор за една од најсложените патни делници во земјата, со бројни мостови и тунели, изградени на тежок планински терен. Покрај главната траса, проектот опфаќа и изградба на локални патишта и клучки што треба да ги поврзат околните населени места.
Во „Синохидро“ велат дека искуството стекнато со овој проект ја зацврстило соработката со македонските институции и отвора можност за нови инвестиции во иднина.
„Изминатите години имавме голема поддршка од нашите партнери, властите во Северна Македонија, од општините и како што реков очекуваме проектот да биде завршен во 2027. Покрај овие 56 километри автопат имаме уште 16 километри локални патишта како и клучки кои ќе ги поврзуваат“, додаде Ванг Џијанфенг, потпретседател на Синохидро.
Заинтересирани сме за слични проекти како овој во Северна Македонија, затоа што земјата има поволни услови за странски инвестиции и сметаме дека луѓето во таму имаат добро мислење за нашата работа. Имаме идеални услови за повеќе проекти на овој пазар и затоа што има добри односи помеѓу владите и народите на двете земји. Нашата компанија има стратегија да развие повеќе проекти во вашата земја.“
Менаџментот на компанијата не прошета и на градилишта во Кина каде што исто така гради автопати. Но, за македонските граѓани, најважно останува ветувањето дека по повеќе од една деценија изградба, Кичево-Охрид конечно треба да биде целосно завршен за година ипол.
Од Кина, за Македонската телевизија известува Катерина Топалова
