Куманово

Летните горештини ја зголемија потрошувачката на вода

12.07.2026 15:12

Со растот на температурите, се зголеми и потрошувачката на вода. Наместо за основни потреби, водата од градскиот водовод масовно се користи за полевање дворови и бавчи. Во Куманово тоа предизвика намален притисок во повисоките делови на градот. Акумулациите се полни, но се апелира на рационално користење...

Нова летна сезона, стари проблеми. Повисоките температури повторно ја зголемија потрошувачката на вода во Куманово. Наместо за пиење и домашни потреби, водата од градскиот водовод во енормни количини се користи за полевање бавчи, тревници, дворови, базени. Неконтролираната потрошувачка, особено во вечерните часови, предизвикува намален притисок на водоводната мрежа во повисоките населени места.

„На повисоки места јас сум сведок живеам во Банево трло, притисокот е намален. Одредени граѓани имаат бавчи, садници, цвеќиња веројатно користат“, вели еден граѓанин.

„Летно време така ќе биде, вообичаено е нормално е да сите трошат вода сега“, дополни друг.

„Троши се вода полно, се полеваат и бавчи и трева се“, нагласи трет.

Јавното претпријатие Водовод ги ставило во функција сите расположливи ресурси, со цел да се одржи стабилно снабдување. Од Водостопанство пак информираат Глажња располага со 18 милиони метри кубни вода, а Липково со околу еден милион.

„Сведоци бевме на интензивни врнежи, имавме и прелевање на браната, така што сезоната ја започнавме со полни акумулации, во однос на минатата година денеска имаме поголемо количество на вода, што не значи дека не треба да водиме сметка во користење на водниот ресурс“, истакна раководителот на Водостопанство Куманово, Дарко Живковски.

Непречено се одвива и наводнувањето на земјоделските површини во кумановско липковскиот регион.

Апелот и до граѓаните и до земјоделците останува ист – водата да се користи рационално, за да има доволни количини во периодот којшто следува.

Елена Георгиевска