БЛИСКИ ИСТОК

Нов бран напади во Персискиот залив

12.07.2026 12:03

Нов бран напади во Персискиот залив. САД таргетираа ирански воени цели откако беше нападнат брод во Ормускиот теснец, Иран возврати со ракети кон Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин. Исламската револуционерна гарда соопшти дека го затвориле важниот проток до понатамошно известување...

Американската централна команда изврши нов бран напади врз Иран откако Техеран таргетираше брод под знамето на Кипар што минувал низ Ормускиот теснец. 140 ирански воени цели, вклучувајќи ракетни и беспилотни летала, комуникациски мрежи и локации за крајбрежен надзор биле на удар на силите на САД. Секретарот за одбрана Хегсет, објави дека Иран направил лош избор и сега ја плаќаат цената.

„На Иран му беше дадена уште една можност да демонстрира придржување кон Меморандумот за разбирање откако беше одговорен за претходните напади врз комерцијални бродови, но повторно не успеа. Како одговор на тоа, Соединетите Американски Држави наметнуваат висока цена со тоа што продолжуваат да ја деградираат способноста на Иран да напаѓа цивилни морнари и комерцијални бродови кои слободно транзитираат низ теснецот. Нападите се спроведуваат по наредба на Врховниот командант“, објави Централната команда на САД.

Во рок од неколку часа по американските напади, Иран ја таргетираше американската база во Јордан, додека Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин одговориле на ракети и беспилотни летала од Иран. Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда соопшти дека го затворил водниот пат до понатамошно известување и предупреди на жесток одговор на агресијата на САД. Најновите случувања следуваат по повиците за одмазда испратени од иранскиот врховен лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи, во неговата прва јавна изјава откако ја презеде власта.

„Ветуваме дека ќе се одмаздиме за чистата крв на вас и на сите маченици од овие две војни од криминалните и срамни убијци. Оваа одмазда е волја на нашата нација и секако мора да се изврши“, стои во соопштението на ајатолахот Моџтаба Хамнеи.

Иранскиот министер за надворешни работи, вчера пристигна во Оман на дебата за Ормускиот теснец. Дипломатските напори продолжуваат и покрај изјавата на американскиот претседател Трамп дека прекинот на огнот е завршен. На 17 јуни, САД и Исламската Република потпишаа привремен договор за прекин на огнот кој за 60-дневен преговарачки период треба да донесе конечен договор за нуклеарната програма и мир на Блискиот Исток.

Маријана Димовска