Собрание

Утре на пленарка реконструкција на Владата

12.07.2026 16:49

Утре на собраниска седница, дебата и гласање за владината реконструкција. ВМРО - ДПМНЕ под своја капа ги става здравство и социјала, „Вреди“ доби едно министерско место повеќе, ЗНАМ го изгуби ресорот Правда, а го доби Земјоделство. Се менуваат вкупно 8 министри – дел се нови имиња, дел познати кои ротираат во други ресори. Според власта, ова ќе донесе нова енергија, опозицијата гледа козметички промени за привид дека нешто се случува.

В понеделник во 11 часот ќе почне собраниската седница за разрешување и менување на нови министри во 8 ресори. Ова е прва реконструкција на Владата.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека изминативе две години покажале како се управува со државата. Партијата очекува реконструкцијата на Владата да ги забрза реформските процеси.

ЗНАМ го задржува бројот на министерските места, иако наместо Правда ќе раководат со Земјоделство. Димитриевски вели, не губат ништо.

Според СДСМ станува за козметички, а не квалитативни промени. Премиерот Мицкоски ги ротира истите луѓе како на шаховска табла-велат од партијата.

Нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување. На негово место во ФЗО, пак, ќе дојде Златко Перински. Во Министерството за локална самоуправа седнува Иван Стоиљковиќ, кој Министерството за политички систем и односи со заедниците го препушта на Агон Ферати од Вреди. Во Правда, на местото на Филков од ЗНАМ седнува професорот Јетон Шасивари.

Партијата на Димитриевски ќе раководи со земјоделство, каде нов министер на местото на Трипуновски ќе биде актуелниот државен секретар Борче Серафимовски. Освен здравство, ВМРО-ДПМНЕ под своја капа го презема Министерството за социјална политика, демографија и млади, каде нов министер ќе биде досегашниот заменик, Ѓоко Велковски. Културата и туризмот ќе ги раководи Седат Сулејмани од „Вреди“, кој го менува Љутков, а министер без ресор за инклузија и стратегијата за Ромите ќе биде Ерџан Демир.

Во меѓувреме владината коалиција се прошири со Демократската партија на Турците, чии пратеник изминатиов период делуваше како независен. Премиерот Мицкоски дополнително ќе го соопшти името на нивниот министер кој треба да раководи со министерство без ресор.

Марина Стојанова Тонева