Се одржа Галичката свадба – чувар на македонската традиција и култура
„Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам“ – ова се зборовите кои, Мартина Михајлова му ги кажа на Александар Пендароски, годинашни младенци на Галичката свадба. Зурлите и тапаните повторно одекнаа во селото за автентичната традиција, која е жив сведок за богатото културно наследство на мијачкиот крај.

Зурли и тапани одекнаа од живописниот Галичник. Се одржа Галичката свадба – чувар на македонската традиција и култура.
Годинашните младенци Алексадар Пендароски и Мартина Михајлова судбоносното „да“, го кажаа во храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник.
И годинава прославата помина во духот на адетите од мијачкиот крај, бричење на зетот и погледот на невестата низ прстенот.
Годинашните младенци на традиционалната Галичка свадба, велат дека ќе ја продолжат семејната традиција, оти пред 35 години татко му и мајка му на зетот, се венчале на Галичник.
Кулминација на веселбата беа ората коишто го симболизираат непокорот на македонскиот народ. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е и покровител на манифестацијата, им посака среќа на младенците. Рече Галичката свадба е нераскинлив дел од македонскиот идентитет.
Присутните гости се сеќаваат на убавите времиња.
Статисти облечени во народни носии, го збогатија амбиентот во Галичник, кој претставуваа симбол на едно време.
Тесните улици овде во Галичник беа претесни да ги соберат сите кои сакаат да присуствуваат на Галичката свадба. Ова мијачко село дефинитивно ги живее најубавите денови од годината.
Галичката свадба традиционално се одржува околу Петровден, кога печалбарите се враќале дома, каде се одржувале низа венчавки во родното огниште.
Борис Грујоски
