Спектакуларниот концерт „Љубов“ го отвори Охридско лето
Со спектакуларен гала-концерт насловен „Љубов“ синоќа беше отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Во наредните 40 фестивалски денови публиката ќе има можност да проследи 48 музички и театарски настани со учество на врвни домашни и странски уметници.

Спектакуларен гала-концерт со светските оперски ѕвезди Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново го означи почетокот на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. На сцената на Античкиот театар, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет под диригентство на Марко Боеми, уметниците изведоа најпознати оперски арии и дуети, наградени со долготрајни овации.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик“, рече Сиљановска-Давкова која е покровителка на фестивалот.
„Охридско лето“ е потврда дека културата е темел на националниот идентитет и мост што ги поврзува народите.
„Охридско лето никогаш не било само обичен фестивал. Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои“, рече министерот за култура, Зоран Љутков.
Уметничката порака годинава ја испрати оперскиот првенец, Игор Дурловски, кој нагласи дека токму преку културата и уметноста малите земји најсилно можат да го претстават својот идентитет пред светот.
„Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа, овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓу себе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот“, рече Дурловски.
Во 40-те фестивалски денови до 20 август, ќе бидат реализирани 48 музички и театарски настани со учество на околу 700 домашни и странски уметници.
Соња Рилковска
