Американската војска изврши нов бран напади врз цели во Иран
Продолжуваат нападите на Блискиот Исток. Американската војска удри врз системите за противвоздушна одбрана и радарски станици во Иран. Исламската револуционерна гарда ги нападна американските воени бази во Кувајт, Јордан и Бахреин. Техеран оцени дека останува посветен на исполнување на обврските од меморандумот со САД, доколку и другата страна постапува на ист начин.

Уште една ноќ на Блискиот Исток помина со сирени за опасност. Американската војска изврши нов бран напади врз цели во Иран. На удар системите за противвоздушна одбрана и радарски станици. Целта на операцијата била да се ограничи способноста на Техеран да напаѓа трговски бродови во Ормускиот Теснец. Ескалацијата на конфликтот одново ги раздвижи светските пазари, регистриран раст на цените на нафтата.
„Иран сè уште е во голема мера на ставот дека може да ја користи глобалната економија како некаков вид на влијание. Без разлика дали сте страна во некој конфликт, не можете да почнете да пукате во сите правци, да ги напаѓате вашите соседи, да напаѓате цивилен брод, цивилна инфраструктура, да фрлате мини во меѓународните водни патишта и да се однесувате како неодговорниот геноциден режим за кој многумина отсекогаш го обвинувале. Значи, светот стои со САД дека ова е неприфатливо однесување“, изјави Мајк Валц – амбасадор на САД во ООН.
Корпусот на Исламската револуционерна гарда возврати со напади на американските воени бази во Заливот. Иранското МНР ги осуди акциите на Вашингтон и ги повика ООН да заземат решителен став против она што го опиша како американска агресија. Во исто време Техеран објави дека нема да се согласи на инспекција на нуклеарните постројки од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија.
„Имајќи ги предвид 14-те клаузули на меморандумот за разбирање, Американците, во овој краток период, на еден или друг начин, ги убија неговите различни компоненти. Од самиот почеток, ние исто така рековме, посветеност за возврат на посветеност. Ќе продолжиме да ги исполнуваме нашите обврски сè додека другата страна остане посветена на своите обврски. Ние го покажавме ова и во пракса. Секаде каде што другата страна ќе ги прекрши своите обврски, ниту ние нема да исполниме нашите“, изјави Есмаил Багнеи – портпарол на МНР на Иран.
Состојбата на Блискиот Исток тема и на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија. Брисел останува на ставот да биде дел од преговорите меѓу Иран и САД.
Маријана Димовска
