Десетици загинати во пожар во паб во Бангкок
Најмалку 27 лица загинаа во пожар во паб во Бангкок. Меѓу жртвите се деветмина мажи и 18 жени. Повеќе од 60 лица се хоспитализирани.Првичните наоди укажуваат дека повеќето од жртвите починале од вдишување чад. Се истражуваат причините за несреќата...

Најмалку 27 лица загинаа во голем пожар во ноќен клуб во Бангкок. Меѓу жртвите се деветмина мажи и 18 жени. Повеќе од 60 лица се хоспитализирани, од кои над 20 се тешко повредени. Првичните наоди укажуваат дека повеќето од жртвите починале од вдишување чад. Премиерот на Тајланд, соопшти дека причината за пожарот сè уште се истражува.
„Првичните наоди покажуваат дека објектот има лиценца за ресторан што дозволува настапи во живо со музика и работа до полноќ во согласност со законот. Инцидентот се случил по 23:00 часот“, изјави Анутин Чарнвиракул, премиер на Тајланд.
„Имаше излези во случај на пожар, но не е јасно дали беа обележани или имаше пречки што ги блокираа. Според законот, излезите за итни случаи мора да бидат целосно отворени. Мора да ги разгледаме релевантните лиценци за работа за да видиме како се издадени. Ќе ги испитаме системите за противпожарна безбедност за да се осигураме дека целосно ги исполнуваат законските барања. Пријавено е дека сопственикот на местото бил внатре за време на инцидентот и претрпел повреди“, изјави Чадчарт ситипунт, гувернер на Бангкок.
Пожарникарите успеале да го стават пламенот под контрола за околу половина час, но резултатот веќе бил катастрофален.
„Сакам да го вратам телото на мојот помлад брат дома. Сакам да го вратам дома кај моите родители. Моите родители чекаат нивните деца да се вратат заедно, но сега едно од нив го нема“, изјави Кео Оудоне Понгпани, брат на жртва во пожарот.
„Мојот зет беше многу добар човек, работеше многу напорно за да заработи пари. Мојата ќерка штотуку дипломираше. Неодамна почна да работи како наставник по компјутери. А сега се мртви“, изјави Нид, мајка и свекрва на две жртви.
Ова не е прв пат Тајланд да доживее ваква трагедија. Во 2022 година, избувна пожар во бар во град јужно од Бангкок, при што загинаа 22 лица. На 1 јануари 2009 година, 66 лица загинаа во пожар во ноќен клуб во главниот град, во кој беа повредени и повеќе од 200 други, додека ја дочекуваа новата година.
Катерина Бојаџиева
