Продолжуваат нападите
Продолжуваат нападите на Блискиот Исток. Американската војска удри врз системите за противвоздушна одбрана и радарски станици во Иран...

Уште една ноќ на Блискиот Исток помина со сирени за опасност. Американската војска изврши нов бран напади врз цели во Иран. На удар системите за противвоздушна одбрана и радарски станици. Целта на операцијата била да се ограничи способноста на Техеран да напаѓа трговски бродови во Ормуски Теснец – една од најважните поморски рути за светската трговија. Ескалацијата на конфликтот одново ги раздвижи светските пазари. Цените на нафтата скокнаа за четири насто.
„Тие се многу, многу зли и болни луѓе. Последно, имавме состаноци со нив. Се согласија на договор. Совршен договор за нас, без нуклеарно оружје, не ова, не она. Се откажаа од се. Ја напуштија просторијата, а потоа, во рок од еден час, лансираа дрон кон брод. Реков, вие луѓе сте болни“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Корпусот на Исламската револуционерна гарда соопшти дека ги нападнале американските воени бази во Кувајт, Јордан и Бахреин. Техеран оцени дека дипломатските напори за смирување на кризата се минимизирани. Американскиот амбасадор во ООН, истакна дека сите опции се на маса, велејќи дека Иран не се придржува до Меморандумот за разбирање постигнат во јуни.
„Па, мислам дека Иран сè уште е во голема мера на ставот дека може да ја користи глобалната економија како некаков вид на влијание. Без разлика дали сте страна во некој конфликт, не можете да почнете да пукате во сите правци, да ги напаѓате вашите соседи, да напаѓате цивилен брод, цивилна инфраструктура, да фрлате мини во меѓународните водни патишта и да се однесувате како неодговорниот геноциден режим за кој многумина отсекогаш го обвинувале. Значи, светот стои со САД дека ова е неприфатливо однесување“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во ООН.
ЕУ треба да учествува во преговорите меѓу Иран и САД, велат во Брисел пред средбата со земјите од Заливот.
„Навистина дискутираме како можеме да се осигураме дека сме околу таа маса, за да се слушнат нашите гласови, бидејќи земјите од Заливот живеат во близина на Иран, и сите овие закани навистина имаат ефект, но тие исто така имаат ефект и врз нас“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Иранскиот министер за надворешни работи, се сретна со вршителот на должноста специјален координатор на ООН за Либан, на дебата за развојот на настаните во Либан и регионалните прашања. Арагчи ги осуди акциите на САД, повикувајќи ги Обединетите нации да заземат решителен и недвосмислен став против она што го опиша како американска агресија.
Маријана Димовска
