Сточарство

Нови жаришта на овча сипаница во источниот регион

13.07.2026 19:02

Нови жаришта на болеста сипаница кај овците и козите. Од почетокот на годината до сега уништени се 1.602 грла. Сточарите бараат поефикасни мерки и набавка на вакцини.

Сипаница кај овците и козите се шири во источниот регион. Од АХВ информираат за нови жаришта.

Потврдена е појава на ново жариште на болеста сипаници кај овци и кози во едно одгледувалиште во село Сопот, кумановско и едно во село Малино – светиниколско.

Во Чешиново-Облешево, село Соколарци, беше спроведена акција за закопување на убиените 262 овци и единаесет угинати животни.

Во село Малино – светиниколско нештетно се закопани 130 убиени и 10 угинати животни, а во Делчево 85 убиени и 2 угинати животни.

Според последните податоци во државава се евидентирани 12 жаришта на болеста сипаници кај овци и кози. Вкупниот број на убиени животни опфатени со мерките за спречување на ширење на болеста досега изнесува 1.602.

Болеста е сериозна закана за сточниот фонд, велат од Сојузот на одгледувачи на овци, сметаат дека АХВ доцни со едукација на сточарите, но доцни и со уништувањето на заболените грла, апелираат државата да обезбеди вакцини за стоката

Болеста кај овците и козите се манифестира со треска, општа слабост и карактеристични јазли-сипаници по кожата и слузокожата. АХВ препорачува строги заштитни мерки.

Славица Величковска