Нема нова средба за измените во Изборниот законик
Рокот пред истекување, нова средба за Изборниот законик нема. Партиите остануваат на своите позиции во однос на електронското гласање на дијаспората и за изборните правила...

Рокот изминува, договор за Изборниот законик нема. Партиите остануваат на нивните црвени линии. Пропадна обидот на Левица за средба на опозициските партии за да се испеглаат ставовите. Од СДСМ децидни-нема потреба за дополнително договарање. Левица обвини дека од „Бихаќка“ не прифаќаат дијалог само за да го зачуваат актуелниот изборен модел и како што велат, да го одложат сопствениот политички пад.
Од ВМРО-ДПМНЕ со став, опозицијата не сака нов Изборен законик, туку блокада. Повторија дека со месеци се преговарало, а кога треба да се гласа се повлекуваат. За власта сите предлози се прифатливи, само да може електронски да гласа дијаспората.
„Со оглед дека рокот е до 15 јули, уште еднаш ќе се покаже хипокризијата, каде што во првиот дел од денот не обвинуваат дека не сме ориентирани кон исполнување на реформите за приближување кон Европската унија, во вториот дел од денот самите ги блокираат“, изјави Бојан Стојановски од ВМРО – ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ Филипче побара експертска група која би го анализирала електронското гласање.
ДУИ прифаќа една изборна единица, но со праг од 5 проценти. Покана за средба не добиле.
„Немам сознание дека има покана од Левица до нас. ДУИ во минатото но сега секогаш било за институционален дијалог, доколку добиеме таква покана тоа ќе се разгледа во органите на партијата и ќе се одлучи дали би требало да се присуствува“, изјави Арбана Пашоли од ДУИ.
Изборниот законик е дел од Реформската агенда, рокот до кога треба да се донесе истекува во среда на полноќ. Доколу дотогаш се постигне консензус, правилата за гласање би се применувале на Претседателките избори во 2029 година.
Андријана Ѓурческа
